Свет
2. May 2018 - 17:53

Кина повика на почитување на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма

 Кина повика на почитување на меѓународниот договор за нуклеарната програма на Иран по последните обвинувања на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за активностите на Техеран по склучувањето на договорот.

Портпаролка на кинеското МНР, на редовен брифинг, изјави дека Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН во 10 одделни случаи утврдила дека Иран го почитува договорот и наметнатите строги инспекциски мерки кои ја обезбедуваат неговата имплементација.

- Она што сега е итно е сите страни од договорот да ја имаат предвид целокупната слика и долгорочниот интерес и точно да го исполнуваат и да го имплементираат, рече портпаролката.

Кина е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации со право на вето и во 2015 година придонесе за потпишување на договорот со кој се укинаа некои економски санкции против Иран во замена за прифаќање меѓународен надзор за да се гарантира дека Техеран не работи на создавање на нуклеарна бомба.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека Вашингтон ќе разговара со другите страни од договорот за доказите на Израел, пред американскиот претседател Доналд Трамп да одлучи дали да се повлече од договорот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција во Тел Авив пред два дена изјави дека Израел открил десетици илјади документи со „инкриминирачки" информации за иранската нуклеарна програма. Нетанјаху рече дека по потпишувањето на иранскиот нуклеарен договор со светските сили во 2015 година, Техеран ги сокрил документите што содржеле информации за нуклеарна програма со која се развивал еквивалент на „пет бомби како онаа од Хирошима, што можат да бидат поставени на балистички ракети".

- Иран на највисоко ниво планираше да продолжи со изградба на нуклеарно оружје, рече Нетанјаху.

Тој додаде дека информациите се потврдени од страна на САД.

Трамп вчера оцени дека претставувањето документи за кои израелските власти тврдат дека докажуваат дека Иран имал нуклеарни амбиции, покажуваат дека бил „100 отсто во право“ кога станува збор за Иран. Тој го пофали претставуавњето на документите од страна на израелскиот премиер и нагласи дека однесувањето на Иран е „едноставно неприфатлива ситуација“.  Трамп укажа на ракетните тестови и нагласи дека „Иран не седи со скрстени раце“.

По изјавата на Трамп се огласи и иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф кој истакна дека обвинувањата на Израел за нуклеарни амбиции на Техеран се „стари обвинувања“  со кои во минатото се занимавала Меѓународната агенција за атомска енергија.

– Претседателот на САД реагира на изнесување стари тврдења со кои веќе се занимаваше МААЕ, за да го поништи договорот, напиша Зариф на Твитер.

Шефот на иранската дипломатија нагласи дека тие податоци се објавени пред 12 мај кога Трамп би требало да донесе одлука за тоа дали ќе се повлече од нуклеарниот договор си Иран.

Техеран негира дека кога било имал амбиции да се снабди со нуклеарно оружје.

Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа САД, Велика Британија, Русија, Франција, Кина и Германија