Македонија
28. April 2021 - 19:53

Ќе има ли бојкот на наставата поради законот за учебници?

Повици за бојкот, деманти, препукувања и обвинувања. Најавата за воведување на дигитални учебници и денеска ја разбранува јавноста.

Неформалната група на Фејсбук насловена „Учебници и настава мора да има“, која брои речиси 70 илјади членови, денеска пред Министерството за образование побара јавна расправа за Законот со нивно учество и повика на национален бојкот на наставата почнувајќи од утре.

Неофицијално, изолирани случаи на бојкот на наставата денеска имало и во некои средни училишта низ земјава. По ваквите информации, од МОН велат дека новиот Закон воопшто не ги засега средношколците и го осудија на повикот за утрешниот бојкот од родителите.  

“Апелираме до граѓаните кои се дел од оваа иницијатива, да не ги вовлекуваат учениците во нешто што ќе им наштети на училиште и ќе им создаде празнини во знаењето. Тоа не вистинската вредност и цел за која треба да се бориме.”, велат од МОН.

Слична порака дојде и од Сојузот на средношколци, кои велат дека не стојат зад најавите на бојкот.

“Дигитализацијата на учебниците се однесува само на четврто одделение, кои ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование“, посочуваат од сојузот.

Послушајте ги родителите, е пораката од опозицијата, која Законот го нарекува антиреформа на Царовска.

Од Владата велат дека Законот за учебници се уште не е испратен до Собранието каде што треба да биде донесен со европско знаменце. Првичната верзија вчера беше повлечена од процедура, со образложение дека треба да се доработи и усогласи со европските пракси и регулативи.