Македонија
12. January 2021 - 21:19

Ќе има ли имунолошки пасош за патувања?

Ќе се воведе ли здравствен пасош за слободно патување? И дали ќе го имаат само тие кои ќе се вакцинираат од Ковид-19? Ова се дилемите за кои Европа ќе расправа во наредниот период, откако Грција официјално побара да се воведе вакцинален пасош, со цел да се врати слободното патување во рамки на Унијата.

Дел од епидемиолозите сметаат дека и тие кои прележале Ковид-19 би требало да може безусловно да патуваат надвор од границите, бидејќи имаат можеби и повеќе антитела отколку тие кои ќе се вакцинираат.

За идејата за здравствен пасош лидерите на ЕУ ќе разговараат на 21 јануари. Епидемиологот Пановски смета дека доколку Европа воведе задолжителна вакцинација како услов за слободно да се патува, тоа би се косело со човековите права.

И додека Европа ги заострува правилата за прекугранично патување, регионот ги отвара границите. Од денеска не е потребен негативен ПЦР тест за влез во Црна Гора, а од четврток слободно ќе може да се патува и во Србија. Освен во овие држави, македонските државјани засега безусловно може да патуваат и во Албанија и Косово.