Македонија
18. May 2020 - 16:44

Ќе има ли јунска испитна сесија? УКИМ утре ќе носи одлука

Студентите да се подготват за јунската сесија. Таа ќе биде изведена со полагање на испитите во самите факултети.

Од ректорската управа на УКИМ најавија продолжување на сесијата, со цел квалитетна проверка на знаењата.

“Ректорската управа на утрешната седница ќе ја продолжи јунската сесија со траење до 15 јули. Испитите во јунската сесија ќе се вршат со физичко присуство на студентите во работните простории на факултетите, повторно на барање на студентите, со примена на сите протоколи, мерки и препораки за заштита и превенција од Ковид-19”, ни соопшти ректорот Јанкуловски.

Во изминативе два месеца академските граѓани следат онлајн настава, која се одвива без поголеми проблеми. Но предизвици надвиснаа врз јунската сесија, односно со претходната одлука испитите да се одвиваат од дома.

И од Министерството за образование ни потврдија дека полагањата предвидени за идниот месец нема да претрпат поголеми промени.

“Министерството заедно со високо образовните установи се залагаат во интерес на квалитетот на образовниот процес и на студентите, покрај можноста за далечинска проверка на стекнатото знање, да се обезбеди и можност за организирање на испити и со физичко присуство на факултет, по претходно дефиниран Протокол од Комисијата за заразни болести”, велат од МОН.

Професорскиот кадар вели дека ништо не може да го замени полагањето лице в лице како најдобра метода за проверка на знаењата.