Македонија
11. February 2021 - 16:57

Ќе има ли одговорност за полицајците кои не постапувале по пријавите за јавна соба?

Внатрешна контрола во МВР се уште испитува дали полицајците постапувале согласно закон по пријавите од жртвите на “јавна соба”.  Ова доаѓа откако повеќе девојки чии експлицитни фотографии или видеа беа споделувани во групата на Телеграм, се пожалија дека кога пријавиле полицајците не постапувале соодветно.
Од Коалицијата Маргини, која се залага за заштита и почитување на човековите права, велат дека е добро што се спроведува и внатрешна истрага, но тврдат дека 90% од девојките не сакаат да пријават до внатрешна контрола бидејќи се плашат од дополнителен притисок од полицијата.

“После големата загриженост, што ја покажа јавноста, имаме едно мало подобрување на односот на полицијата во некои случаи, а во некои случаи, за жал, ние имавме и влошување на третманот на жртвите од страна на полицијата. Внатрешната контрола е еден механизам, кој што одамна зборуваме дека не е толку ефикасен за контрола на работата на полицијата. Меѓутоа, ние овде имаме системски проблем. Факт е дека полицајците треба да го променат односот кон жените жртви на особено сексуално насилство и вознемирување”, вели Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини.

Во меѓувреме, МВР се уште трага и по останатите членови во групата “јавна соба”.

“Продолжуваме и понатаму со идентификација на нови лица во делот за “јавна соба”. Знаете дека двајца, креаторот на оваа група и уште еден, кој е администратор, се приведени, на нив им е одредена мерка притвор. Имаме уште четири кривични пријави за други четири лица. И продолжуваме со идентификација и понатаму за останатите, кои што биле учесници во овој проект”, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Од Коалицијата Маргини сметаат дека истрагата е задоцнета.

“Истрагата е веројатно комплицирана, пред сè затоа што доцни една година. Јавна соба се појави пред повеќе од една година. Тој момент беше совршен да се почне со истрагата, да се соберат податоците, телефонските броеви на оние кои што ги вршеа тој тип на кривични дела. Сега, во овој момент, за жал, истрагата можеби ќе стигне до последниот дел од оние кои што правеле кривични дела, ама ќе се заштитат оние кои што на време успејаа да ги скријат своите податоци”, вели Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини.

Залагачите за човекови права очекуваат дека МВР целосно ќе го расветли случајот. Апелираат институциите да си ја вршат својата работа и во иднина да се реагира навремено.