Македонија
18. September 2019 - 21:02

Ќе има ли Скопје почист воздух оваа зима?

Индустријата и сообраќајот се двете области каде што Владата потфрли во борбата против аерозагадувањето. Невладиниот сектор смета дека преземените мерки во овие сектори не се доволни, а за конкретни резултати потребна е прецизна долгорочна програма и поголем буџет.

Во владата денеска се слушаа идеите на граѓанскиот сектор, во подготовка на Програмата против аерозагадувањето за наредната година.

Буџетот за оваа година предвиден за инвестиции против загадувањето на воздухот е потрошен. Промена во начинот на греење на домовите и јавните институции, поставување филтри и повеќе зеленило, се приротетните мерки на Владата.

На помалку од еден месец до почетокот на грејната сезона се очекува и законското решение со кое целосно се субвенционира замената на печките на дрва со со инвертер клими.

Жестока реакција за неисполнувањето на Планот за чист воздух испратија од еко-невладината иницијатива 02, обвинувајќи ја Владата за многу мала реализација на мерките од Програмата за 2019 година.