Бизнис
25. October 2021 - 20:12

Ќе се најде ли решение за недостатокот на струја?

Ако има рестрикции прво ќе се гаси уличното осветлување. Но првиот човек на ЕСМ смета дека до тоа нема да дојде. Иако дневно во производството недостасуваат до 300 мегавати, уверува дека нема простор за загриженост – обезбедени се потребните колични за следните два месеци.

Од денеска во погон се става уште едне блок од РЕК, на средината на ноември со работа ќе почне и Осломеј. Во функција ќе се стави и ХЕЦ Маврово, а ако има потреба ќе се увезе мазут за да се активира и ТЕЦ Неготино. Овој пат се надеваат дека ќе биде успешен и тендерот за јаглен и ќе се набави потребната количина за третиот блок во РЕК.

За разлика од Ковачевски првиот човек на Мепсо и денеска стои на ставот дека состојбата со струјата е тешка. За да се покријат домашните недостатоци се влече струја од европската мрежа поради што од Мепсо побараа државна помош. Но, наместо тоа, од Владата велат, трошоците ќе ги сносат потрошувачите кои правеле дисбаланс. А ако е потребно да се носат мерки за справување со кризата тоа ќе биде по изборите.

- Додека трае изборниот период Владата не може да носи мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од Буџетот и таквите мерки, доколку се усвојат, ќе бидат донесени после изборите, во секој случај ќе им биде излезено во пресрет на енергетските компании со цел одржување на сигурноста со снабдување во идниот период, се вели во дописот од Владата.

Поради големите количини кои земјава ги користи од европската мрежа, Македонија се соочи со 4 опомени. Струјата на берзите и натаму не паѓа под 200 евра за мегават. Очекувањата се дека состојбата ќе се стабилизра дури следната година.