Loading Video...
Македонија
31. January 2021 - 16:47

Кои вакцини први ќе пристигнат во Македонија и кога?

Вакцинацијата против Ковид-19 во земјата треба да почне по 15 февруари и тоа најверојатно со кинеските вакцини. Според информации на Сител производот на Синофарм прв ќе им биде достапен на македонските граѓани и според досегашните изјави 200.000 дози треба да бидат испорачани во една пратка. Освен од националната компанија од Кина, министерството за здравство очекува наредната недела да го добијат и драфт договорот со Фајзер за набавката на 800.000 вакцини кои етапно ќе ги добиваме до крајот на годината. Уште ги чекаме и 8000 вакцини што ги отстапи Србија а за кои дозвола треба да даде американскиот фармацевтски гигант.

-Според информациите кои Министерството за здравство ги доби од Фајзер, производителот на вакцини против Ковид-19, првите вакцини од овој производител кои ќе стигнат во нашата земја ќе бидат вакцините од Република Србија, потврдија од МЗ.

Македонија на хартија има и 833.000 вакцини предвидени со Ковакс од каде се уште нема одговор кога ќе ги достават првите количини. Пред две недели Филипче изјавуваше дека во февруари ќе има вакцини и преку овој механизам, но по хаосот кој се случува во многу европски земји од кои дел почнаа па ја прекинаа имунизацијата поради недостиг на производот, министерот го смени ставот.

-Повеќе би рекол дека системот е соочен со истите проблеми со што се соочени и државите во преговорите директно со производителите. Едноставно, проблемот е во капацитетот на производство на вакцини, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

А кога вакцините ќе дојдат во државата, први ќе бидат имунизирани здравствените работници во ковид центрите и веќе има список со име и презиме на сите од црвените зони. Согласно националната стратегија за имунизација, има листа од 14.000 граѓани според возраст и хронични заболувања а закажувањето ќе го прават матичните преку Мој Термин.

Спремни се и фрижидерите за чување на вакцините и тие за на -70 но и стандардните каде треба да биде складирна кинеската вакцина. Но засега се уште се празни.