Loading Video...
Кошарка
30. January 2020 - 16:27

Комеморацијата со почит и сеќавање на Буштур, утре 12 часот хотел „Дабл Три – Хилтон“

Македонскиот спорт пред се кошарката остане без легендата Благоја Георгиевски – Буштур кој ноќеска трагично го загуби својот живот. 
 
Благоја Георгиевски Буштур ќе остане запаметен како единствениот македонски кошаркар кој освоил медали од големите натпреварувања. 
 
Најголем дел од својата играчка кариера Георгиевски ја помина во Работнички, клуб со кој во сезоната 1975/76, стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на Куповите.
 
Георгиевски беше и член на младинската репрезентација на Југославија. А со таа селекција, предводена од Лазар Лечиќ, Буштур ја освои Балканијадата во Ријека одржана во 1970 година, а на младинското Европско првенство во Атина го освои четвртото место.
 
Во 1971 година, беше дел од југословенската сениорска репрезентација која настапи на ЕП во Западна Германија, каде се закити со сребреното одличје.
 
Георгиевски беше учесник и на Летните Олимписки Игри, во Минхен 1972 година, а четири години подоцна (1976) кога во Монтреал стигна до олимпиското сребро. 
 
По осамостојувањето, Георгиевски работеше и како тренер, а беше и вториот селектор на македонската репрезентација.
 
Како член на Клубот на Великаните на Македонскиот Олимписки комитет од 1997 година, во 2004-тата година како знаменосец ја предводеше македонската олимписка експедиција на игрите одржани во Атина. 
 
Буштур извршуваше и бројни функции во Македонскиот Олимписки комитет, меѓу кои и потпретседателската. 
 
Затоа, МОК заедно со МКФ и Град Скопје, утре во хотелот „Дабл Три – Хилтон“ од 12 часот ќе одржат заедничка комеморативна седница во сеќавање и со почит кон македонската спортска и  кошаркарска легенда Благоја Георгиевски - Буштур.