Македонија
17. January 2020 - 15:27

Комисија за здравство не се одржа, пратениците заминаа на собраниска седница

Собраниската Комисија за здравство не го одржа продолжението на денешната закажана седница на која на дневен ред е Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во прво читање, бидејќи, како што рече претседателката на Комисијата, Мирсада Емине Асани, пратениците кои се нејзини членови, морале да присуствуваат на собраниска седница.

Седницата на Комисијата, како што беше истакнато, дополнително ќе биде закажана.

По неодржувањето на седницата во собранискиот прес-центар, пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека седницата била закажана за денеска, но министерот за здравство не дошол и на барање на парламентарното мнозинство, седница на Комисијата не се одржа, односно е одложена.

– Факт е дека има огромен отпор во јавноста и кај граѓаните во врска со Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции предложен од СДСМ и парламентарното мнозинство. Овој Закон е во функција и за корист на фамилијата Заеви, а наспроти интересите на мнозинството граѓани. Од тие причини апелираме до власта, до СДСМ, до Зоран Заев, до Оливер Спасовски и сите останати да го повлечат овој Закон и да немаме ситуација во Македонија каде државата постепено, а гледаме дека тоа веќе е евидентно, станува Колумбија на Балканот, истакна Ѓорчев.

Мора, нагласи тој, да водиме сметка за јавното здравје, мора Македонија да ја држиме понастрана од најжестоките и најопасните балкански криминалци и од клановите и картелите.

Тој рече дека голем број случаи поврзани со претепување граѓани, а кои се противници на власта на СДСМ, не се решени.

– Судот донесе скандалозна пресуда за ослободување на градоначалникот Курто Дудуш од СДСМ за киднапирање, измачување и претепување граѓанин во неговата канцеларија, додаде Ѓорчев.

Јагода Шахпаска од СДСМ, која е заменик-претседател на Комисијата изјави дека членовите на Комисијата за здравство биле уредно поканети за продолжување на седницата на која се разгледува Предлог-законот за опојни дроги и психотропни супстанции.

– Седницата беше закажана во 12 часот. Пратениците од владеачкото мнозинство беа присутни во салата каде беше закажана седницата, како и колегите кои се членови, меѓутоа и дел од колегите од ВМРО-ДПМНЕ кои не се членови на Комисијата. Претседателката на Комисијата доцнеше, им најавила на службите и кога пристигна околу 12:30 пред почетокот на пленарната седница рече дека доцнела и го известила министерот за здравство Венко Филипче да не доаѓа на Комисијата заради тоа што во 12:30 часот е закажана пленарна седница. Значи го известила да не доаѓа на Комисијата заради тоа што продолжението нема да почне во 12 часот. Оттука наводите кои беа изнесени не се точни, рече Шахпаска.

Како владеачко мнозинство, посочи таа, сме присутни цел ден во Собранието и сме подготвени за продолжување на седницата на Комисијата.

Во врска со тезите на ВМРО-ДПМНЕ околу Законот, таа рече дека ги потсетува дека на 22 февруари 2016 година Законот бил изгласан во Собранието, тогаш бил на предлог од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои тогаш го чинеле владеачкото мнозинство, а таа била претседател на Комисијата.

Меѓу колегите кои гласаа за Законот за употреба на марихуаната, говорам за опојните дроги, меѓутоа во медицински цели, потенцира таа, беше и колегата Влатко Ѓорчев.

– Значи ние говориме да се разговара за Законот за опојни дроги и психотропни супстанции во медицински цели, со строго дефинирани услови за производство и промет на се што произлегува од овие растенија кои се за медицинска употреба. Тоа ќе биде и усогласување со европското законодавство. Ова е работа во која се вклучени голем број граѓани кои работат во овој бизнис, се работи за сериозни пари. Ние сакаме само да се отвори дебатата за овој Предлог-закон во кој се предвидува меѓудругото 20 проценти од нето добивката да влегува во Буџетот на Република Македонија. Не знам зошто колегите повторно манипулираат со македонската јавност кога овој Закон го донесоа тие во 2016 година, додаде Шахпаска.

На изјавата на Шахпаска реагираше Ѓорчев кој рече дека во Скопје се случуваат секојдневни мафијашки пресметки, со пукање, со запалени автомобили, а нема заплена на сериозни количества дрога.

– Во Македонија инвестициите треба да бидат во производство, во извоз, во високи технологии. На Македонија не и се потребни картели и сомнителни белосветски мафијаши…Не ги добивме Гугл, Фејсбук, не сме во финалето за нова фабрика на Фолксфаген, а имаме плантажи на дрога кои ги има семејството Заеви во Свети Николе, во Валандово, адвокатот на Заеви има плантажи во Струмица и сето тоа на сметка на јавното здравје, на сметка на граѓаните, додаде Ѓорчев.