Македонија
11. December 2019 - 8:43

Концерт на виолистот Блерим Груби

Македонскиот виолист Блерим Груби вечер од 20 часот ќе одржи концерт во Камерната сала на Филхармонијата, со кој ќе одбележи триесет години уметничка дејност. На програмата се дела од Бах, Шостакович, Шуберт, Бекири, Зографски, Брамс…

На концертот ќе настапат тројца студенти по виола од неговата класа на Приштинскиот универзитет „Хасан Приштина“ (Лирдина Кукај, Ентела Чаркаџија, Алкеста Глоџани), пијанистите Валтон Бекири, Марија Вршкова и Нита Груби и виолинистката Сихана Бадивуку.

Своето музичко образование Груби го стекнал во родниот град Скопје, каде што дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Љубомир Господинов (1989). Посетувал мајсторски курсеви кај познатиот светски виртуоз на виола Јуриј Башмет.

По студиите почнал да работи во Филхармонијата, а во исто време ја развива и солистичката дејност, како и камерното музицирање, и редовно настапува во реномирани ансамбли и на фестивали во земјите на поранешна Југославија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија, САД…

Покрај на универзитетот „Хасан Приштина“, професор е и на Универзитетот во Тетово. Во 2016 година му е доделена Државна награда од претседателот на Косово за работа и придонес во културата и образованието.