Македонија
8. May 2020 - 14:42

Кондарко: Доколку нема нова вонредна состојба изборите треба да се одржат на 7 јуни

Избори на 7 јуни доколку Пендаровски не прогласи нова вонредна состојба. Членот на ДИК, Борис Кондарко контра претседателот Дерковски. Вели не се согласува дека на ДИК му требаат нови 50 дена за да ги организира изборите. Според него, Владата има донесено уредба со законска сила која предвидела дека изборните дејства ќе продолжат онаму каде што застанале.

Експертите велат дека целата ситуација се наоѓа во уставно правен ќорсокак, кој доколку не се надмине, целиот изборен процес ќе добие дамка врз легитимитетот која во иднина веројатно ќе произведува нови политички проблеми.

Вчера и Џафери најави дека не планира повторно да ги распише изборите што отвори нов јаз меѓу членовите на ДИК чии ставови го развлекуваат изборниот датум цел месец, меѓу 7 јуни, како што тврди Кондарко и почетокот на јули, како што тврди Претседателот Дерковски.
Нов правен прашалник става и уредбата со законска сила со која Владата ги запира и продолжува изборните дејствија особено ако се знае дека и тука, правните експерти имаат различен став од Владата. Тие сметаат дека по завршувањето на вонредната состојба, уредбите кои ги носи Владата веќе немаат правно дејство, додека Владата е на став, дека тие и понатаму ќе важат, без разлика што нема Собрание кое би ги потврдило и преточило во закон.