Loading Video...
Македонија
3. December 2020 - 16:37

Координативното тело за вакцини на нова средба ќе го утврдува протоколот за вакцинација

Ќе се отворат ли училиштата со вакцинацијата на населението? Од МОН велат дека за такво нешто потребно е да се произнесат здравствените власти. Не е познато ниту дали ќе се бара учениците да бидат вакцинирани за да можат да се вратат во училишните клупи.

-Ова прашање е за Комисијата за заразни болести и кога ќе се отвори ваков тип на дискусија јавноста ќе биде известена дали „да“, дали „не“. Сепак, ние не сме стручни како Министерство за образование за да ги коментираме овие состојби за кои прашувате, вели Царовска.

Сојузот на средношколци засега нема оформено став околку вакцинацијата. Велат дека се во комуникација со средношколците здруженија во европските држави и пред да донесат став ќе ја гледаат праксата во Европа.

Утре на состанок министерот Филипче и Координативното тело за вакцини за Ковид-19 ќе ги утврдуваат деталите за вакцинацијата на населението. Ќе се разговара и за вакцинирањето на учениците и наставниците. Она што сега е познато е дека прво ќе се врши едукација на населението. Вакцината за Ковид-19 нема да биде задолжителна, а граѓаните сами ќе одлучат дали ќе се вакцинираат или не.

- На состанокот ќе се разгледува стратегијата за имунизација со вакцина за Ковид 19 како и за приемот и дистрибуцијата на вакцините, категориите на граѓани кои ќе бидат први вакцинирани, како и текот на постапката на вакцинација. На состанокот ќе се разгледаат и искуствата на европските земји во делот на подготовките за вакцинација, по што јавноста ќе биде информирана за оперативниот план за вакцинација за Ковид 19, велат од Здравство.

Филипче објави листа според која, вработените во јавните претпријатија, агенции и фондови ќе имаат приоритет за вакцините пред возрасната популација над 65 години.

Според Ковакс договорот, Македонија ќе добие вакцини против Ковид за околу 400.000 луѓе.