Loading Video...
Свет
25. January 2020 - 16:35

Корона-вирусот дојде во Европа

Корона вирусот стигна во Европа. Три случаи на заразени со овој вирус се идентификувани во Франција. Тројцата пациенти претходно биле во Кина, а сега се сместени во изолирани болнички одделенија. Властите во Франција стравуваат дека постојат и други заболени, бидејќи пред да покажат симптоми, периодот на инкубација кај заразените, кога всушност се пренесува болеста, трае од 5 до 7 дена.
Експертите за јавно здравје велат дека најголем проблем е што речиси е невозможно да препознаеме кој е преносител на болеста и многу е тешко да се заштитиме.

“Носењето на маска веројатно е ефективно за некој кој веќе е болен. Тоа до некој степен ќе го блокира пренесувањето на болеста. Но, носењето на маска ако не сте болни, со цел да се заштитите себе си, веројатно не е многу ефективно, но секако не е штетно”, вели д-р Ерик Тонер од Центарот за здравје и безбедност “Џон Хопкинс”.

Болеста, која потекнува од Кина, се пренесува со голема брзина во светот. Веќе се регистрирани случаи во други држави во Азија, како и во Австралија и Америка. Во одредени делови на Кина е прогласена вонредна состојба, каде како безбедносна мерка е укинат јавниот превоз, а во карантин се изолирани над 50 милиони луѓе.
Иако на аеродромите ширум светот се инсталирани термални камери што ја мерат телесната температура на патниците, експертите се сомневаат во нивната ефикасност.

“Некои од овие камери се ефикасни. Тие ќе уловат некој што де факто е болен во моментот кога е скениран. Па, ако има настинка или се чувствува лошо поради грип или некоја болест, да, ќе ги детектираат тие луѓе. Но, нема да ги детектираат луѓето кои се во период на инкубација или луѓето кои земаат лекарства против настинка”, објаснува д-р Ерик Тонер од Центарот за здравје и безбедност “Џон Хопкинс”.

Корона-вирусот сè уште е непозната болест на дишните органи, што се појави кон крајот на минатата година во Вухан, кинески град со 11 милиони жители. До сега се потврдени околу 1.300 заразени, а бројката на починати надмина 40 лица. Според проценките на светските здравствени организации, за да се пронајде вакцина против вирусот ќе биде потребно најмалку една година.