Балкан
14. јуни 2021 - 18:39

Косово: Османи ја разреши Дака, го именува Радониќи за нов претседател на ЦИК

Косовската претседателка Вјоса Османи ја разреши попладнево претседателката на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), Ваљдете Дака, и на нејзино место го именува судијата Крешник Радониќи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во образложението на одлуката на Османи, кое го пренесоа косовските медиуми, се вели дека Дака, иако има одговорност за зачувување на непристрасноста на ЦИК, „со нејзините дејствија, посебно за време на предвремените избори од 14 февруари, ја наруши независноста“ на таа институција.

– Претседателката во многу случаи не успеа да биде независна сила во однос на политичките поларизации, оневозможувајќи го со тоа потребниот баланс во тој орган. Фактички, во некои случаи, однесувањето на претседателката е исто со она на некои претствници на политичките партии во ЦИК. Следствено, претседателката, било со дејствување или со недејствување, придонесе за ескалација на ситуцијата на седниците на тој орган, се вели во одлуката што ја сподели кабинетот на претседателката на државата.

Според Османи, одлуките на Дака „само ја намалија довербата во ЦИК“, а освен тоа „беа и во спротивност со Уставот“.

Во соопштението по повод именувањето на Радониќи на чело на ЦИК, објавено неполн час по она со кое се информира за разрешувањето на Дака, се наведува дека тој е судија во Специјалното одделение на Апелациониот суд и дека, по дипломирањето на Универзитетот во Приштина, магистерските студии ги завршил во САД.

Приштинските медиуми порано денеска објавија дека Османи побарала од досегашната челничка на ЦИК оставка, недолго пред наредните локални избори во земјата, кои треба да се одржат оваа есен, а за возврат ѝ понудила државно признание.

Неименувани извори информираа дека Дака ја одбила понудата на Османи, решена да го заврши до крај својот втор мандат и порачувајќи дека ја врши задачата во согласност Уставот и законите на Косово.