Косово викендов се затвора поради Ковид-19, Приштина и шест други општини во карантин
Косовската Влада воведе дополнителни мерки за заштита од ширењето на епидемијата на Ковид-19, откако последните денови беше забележано видно зголемување на бројот на заразени од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.
На предлог на Комитетот за справување со пандемијата, Владата на Авдулах Хоти попладнево одлучи, од вечерва во 20 часот до понеделник во 5 часот наутро, да се затворат сите бизниси, трговските и рекреативни центри, супермаркетите и угостителските објекти.
Од оваа одлука се исклучуваат пекарниците, аптеките, малите продавници и бензинските пумпи, јавните и приватните здравствени институции, како и фирмите кои се занимаваат со производство, достава и продажба на есенцијални стоки. Не се опфатени ниту институциите кои управуваат со пандемијата, економските оператори и превозниците кои обезбедуваат функционирање на синџирот на снабдување.
Покрај оваа одлука која се однесува на целата територија на државата, министерот за здравство на Косово, Арменд Земај наложи посебни мерки за седум општини, во кои се забележани најголем број на новозаболени во новиот бран на ширењето на заразата.
Според оваа одлука, во истиот период, од вечерва до понеделник наутро, се забранува влегувањето во и излегувањето од Приштина, Косово Поле, Гњилане, Обилиќ, Ѓаковица, Подујево и Штимље.
Забраната не се однесува на здравствениот персонал и безбедносните служби, граѓаните кои имаат потреба од здравствени услуги и за производство, набавка и продажба на есенцијални стоки, економските оператори и превозниците кои обезбедуваат функционирање на снабдувањето, како и градежните претпријатија и операторите кои изведуваат јавни работи.
На полицијата, се вели во одлуката, ѝ е наложено да врши строга контрола на влезовите и излезите од споменатите општини и да ги санкционира прекршителите.
Во Косово последните пар недели се забележува видно зголемување на бројот на заразени од коронавирусот, што е резултат и на покашувањето на бројот на тестови на лица за кои постои сомневање дека се заразени.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравство на Косово, вчера се извршени 1.827 тестирања, од кои како носители на вирусот резултирале 728 лица. Во истиот период се регистрирани рекордни 12 нови смртни случаи на заболени од Ковид-19, со што бројката на жртви на епидемијата достигна до 732.
Од појавата на епидемијата вирусот е откриен кај 22.934 од вкупно 103.839 испитаници, од кои болеста ја совладале 15.981 лице.
Активни заболени во Косово, според последните официјални информации, се 6.220 лица.
Ново на Сител
-
Инспекторатот ќе контролира дали рабодавачите ја почитуваат владината одлука за неработен ден
-
До четврток облачно со дожд, од петок стабилизирање на времето
-
Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе може да гласаат на утрешните претседателски избори
-
Тешко повреден пешак во сообраќајка на „Партизанска“ во Скопје
-
Во Хрватска падна снег | ВИДЕО
-
Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште
-
Првите шест авиони „Рафал“ во Хрватска пристигнуваат оваа недела
-
Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди франци