Балкан
17. October 2021 - 15:28

Косовските лидери повикуваат да се излезе на гласање

Највисоките претставници на политичките партии и институции во Косово денеска ги повикаа граѓаните масовно да излезат на локалните избори и да ги изберат најдобрите кандидати за градоначалници и советници во 38 општини на Косово, јави Бета.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, изјави дека денеска сите гласаат за квалитетот на животот во општините во кои живеат.

– Без разлика за која општина гласате, се надевам дека уште еднаш ќе го докажеме нашиот демократски дух преку најголемо можно учество во фер и слободен процес, почитувајќи ги мерките против коронавирусот, рече Вјоса Османи Садриу.

Премиерот на Косово, Албин Курти, откако гласаше, ги повика граѓаните на Косово да го искористат своето граѓанско право.

– Граѓаните на Косово денеска одлучуваат кој ќе одлучува, се одредува кои ќе бидат нивните лидери. Ги повикувам сите граѓани да го искористат овој момент на демократија, рече Курти.

Претседателот на Демократската партија на Косово, Мемљи Красниќи, откако гласаше рече дека, како граѓанин на Приштина, го сака најдоброто за „неговата земја, за својот град“.

– Се надевам дека сите граѓани ширум Косово ќе го искористат своето демократско право да ги изберат најдобрите кандидати, оние во кои граѓаните имаат доверба, рече Красниќи.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику, изјави дека го искористил своето основно право на глас, а денешниот ден го оцени како „ден кога донесувањето одлуки им се враќа на граѓаните“.

– Денеска е, се разбира, празник бидејќи донесувањето одлуки се враќа кај нашите граѓани и нема ништо поубаво од тоа кога граѓаните одлучуваат за својата иднина, рече Абдиџику.