Македонија
22. October 2016 - 17:41

„Костенијада“ во Смолари

Во падините на планината Беласица непосредно до населеното место Смолари денеска се одржа традиционалата манифестација „Костенијада“. На Фестивалот на смоларскиот костен учествуваат голем број домаќинки од повеќе населени места кои преку низа автентични рецепти ја покажуваат многукратната употреба на костенот во секојдневната исхрана.

Локалните власти велат дека оваа манифестација е важна за развој на туризмот во оваа рурална општина.

- Фестивалот е активност од календарот на културни настани на Општина Ново Село. Со неговото одржување сакаме да придонесеме за развојот на туризмот во нашата општина. Како што знаете, ние имаме безброј природни убавини кои се веќе надалеку прочуени, но со „Костенијадата“ го промовираме и смоларскито костен кој се разликува по својот квалитет поради големиот број сончеви денови во овој регион. На тој начин, ја помагаме и локалната економија, вели градоначалникот на Општина Ново Село, Блажо Велков.

Манифестацијата „Костенијата“ се одржува по шести пат. На неа освен локалното население, доаѓаат и гости од цела Македонија, но и од соседните, Бугарија и Грција. Годинава помагач на Фестивалот на смоларскито костен е и министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.