Loading Video...
Македонија
11. September 2020 - 16:46

Ковачев: Нема простор за оптимизам ако нема договор

Бугарскиот европратеник Ковачев со јасен услов под кој земјава може да ги почне преговорите со ЕУ. Тој му порача на премиерот Заев дека  нема место за оптимизам без резултати во решавање на историските прашања.

- Заев  секогаш зборува со голем оптимизам и надеж дека се ќе биде во ред. Се надевам дека е искрен, но ова го рече и пред неколку години, кога го потпишавме Договорот, но немаше речиси никакви резултати. Не можам да разберам зошто мисли дека ако ја прифатиме историската вистина дека Гоце Делчев се декларирал  како Бугарин, тоа ќе биде загуба за нив. Како да  едната страна ќе ја изгуби вистината. Ова е несфатливо. Современиот македонски идентитет и државност не смеат  да се градат врз негирање на сè што е бугарско, врз митологијата и лагите наметнати од времето на Тито.

Реакцијата на европратеникот Ковачев доаѓа по вчера изнесениот став на Заев дека двете страни можат да најдат решение во рамките на комисијата за историски образовни прашања.

- Решивме три поглавја, пет историски личности наназад, шестата историска личност Гоце Делчев. Дали е Заев и Борисов дали е било кој понатаму, ако едната страна добива само нема иднина. Решенијата ги најдовме за крупните прашања. Имаме архиви, ќе седнеме ќе ги извадиме транспарентно и јавно. Важна е историјата, но треба да биде појдовна основа за иднината. Ќе најдеме решение. Треба да излеземе двете страни победници, рече Заев.

Пред два дена  и бугарскиот вицепремиер Каракачанов се закани со блокада на стартот на преговорите.Заев најави дека неговата прва официјална посета ке биде токму на Софија, но следната недела тој ќе се сретне и со грчкиот колега Мицотакис во рамките на меѓународната конференција за Западен Балкан која ќе се одржи во Атина . Во меѓувреме во тек е дебатата за усогласување на  преговарачката рамка во Советот на ЕУ, каде Бугарија се обидува да ги наметне своите позиции.