Македонија
1. July 2022 - 14:20

Ковачевски: Во предлогот се вклучени нашите забелешки, се наоѓаме во далеку поповолна позиција

Денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски по средбата со коалициските партнери изјави дека го разгледале францускиот предлог и дека смета дека ситуацијата во која се наоѓаме е далеку поповолна за нас.

-Денес имавме средба за едно исклучително важно прашање за иднината на државата и за иднината на сите наши граѓани. Заедно со владините коалициони партнери дискутиравме за предлогот кој вчера го доби Владата преку МНР. Ветив и сега реализирам, денешниот состанок е прв од средбите преку кои го започнуваме и водиме широкиот консултативен процес во нашата јавност. Маричиќ и Османи денес го образложија и процесот и предлогот пред коалициските партнери. Разговаравме со детали имајќи ја во предвид нашата стратешка позиција се со цел членство во ЕУ. Позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас. Нашата позиција и стратегија дадоа резултат. Пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изразени ставови За да изградиме официјален став како држава со оваа средба денес го отпочнавме широкиот консултативен процес ќе продолжиме и со претседателот кој е целосно упатен со сите детали, рече Ковачевски.

Ковачевски потврди дека ќе дебатираат и во Парламентот и со опозицијата и со севкупната јавност во земјата.

-Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдења сметам дека потонаа. Доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија, го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет. Имаме дефинирано позиции за јасно прифаќање на македонски јазик како и протоколот да не биде во преговарачката рамка

Ковачевски додаде и дека во предлогот е инкорпорирана и првата меѓувладина конференција со ЕУ.

-Имаме план и стратегија која дава резултат. Предлогот е транспарентен и ќе споделиме со јавноста детали. После оваа средба целиот предлог ќе биде објавен на страната на владата, рече Ковачевски.