Loading Video...
Македонија
4. February 2021 - 16:43

Ковакс ги утврди дозите за првата испорака на вакцини, никој не знае кога ќе стигнат

Кога во Македонија ќе бидат испорачани вакцини преку Ковакс механизмот со сигурност не можат да кажат ниту од СЗО, откако вчера обелоденија дека земјава во првата половина на годината ќе добие вкупно 103.200 дози сите од Астразенека. Од канцеларијата на СЗО во одговор за Сител пишуваат дека на состанокот закажан за в понеделник ќе се одлучува дали Оксфордската вакцина ќе добие препорака за итна употреба од страна на организацијата. Тие досега зелено светло дале само за Фајзер, а сите други се во постапка на разгледување.

-Податоците за безбедноста и ефикасноста на вакцините за COVID-19 на AstraZeneca, се доставени во  СЗО. Очекуваме препораката од СЗО за итна употреба на оваа вакцина да произлезе по вонредниот виртуелен состанок во понеделник на 8 февруари 2021 година на Стратешката советодавна група на експерти за имунизација. Конечното известување за вакцината на AstraZeneca би требало да биде околу средината на февруари, велат од канцеларијата на СЗО во Македонија.

Инаку преку Ковакс системот треба да бидат распределени 337,2 милиони дози на 145 држави претежно во развој меѓу кои и Македонија. Од СЗО тврдат дека првите количини ќе почнат да се дистрибуираат кон крајот на февруари и тоа рамномерно според бројот на жители на државата. Земјите од регионот ќе ја добијат вакцината на Астразенека која се подготвува во Британија, а само Босна и Херцеговина ќе добие и од Фајзер. 

Македонија очекува 800.000 дози преку Ковакс, во декември е платен и авансот.

Во меѓувреме здравствените власти уверуваат дека имунизацијата кај нас ќе почне до крајот на февруари и тоа со кинеската вакцина на Синофарм, но детали од преговорите и конкретен датум за испорака на 200.000 дози сеуште не се соопштуваат.