Тенис
26. March 2019 - 12:16

Крајиновиќ немоќен против Федерер

Роџер Федерер се врати во ритам, и по тешкото второ коло, со 7:5/6:3 го победи Србинот Филип Крајиновиќ на вториот Мастерс од сезоната, Мајами опен.

27-годишниот Крајиновиќ успеа да остане израмнет со трикратниот шампион од Мајами Федерер во првиот сет, со одлична игра од основната линија, но 37-годишниот ветеран направи брејк во 12. гем за да го освои првиот сет, по што во вториот поведе со 4:1 за да го заврши мечот со 35 директни победнички топки и 23 неизнудени грешки. Следен за него е или Русинот Данил Медведев или Американецот Рајли Опелка.

Толку среќа немаше бугарскиот 24. носител, Григор Димитров, кој загуби со 7:5/7:5 од Австралиецот Џордан Томпсон за прв пласман во едно осминафинале на Мастерс 1000 турнир.

На женскиот турнир, повредата ја прекина импресивната низа на тинејџерката Бјанка Андреску. Канаѓанката имаше 10 победи во низа освојувајќи го турнирот во Индијан Велс, но во четвртото коло во Мајами се предаде при 6:1/2:0 водство за нејзината противничка, Естонката Анет Контавеит. Андреску сега има 31-4 скор ова сезона и скокна на 24. место на ВТА-листата, откако ја започна годината како 152.