Македонија
15. October 2015 - 16:21

Кривична пријава за 16 лица за злоупотреба на службената положба и поткуп

Министерството за внатрешни работи во рамки на Оперативната обработка „Зелено“ до Основното јавно обвинителство-Скопје поднесе кривична пријава против 16 лица, осомничени за „злоупотреба на службената положба и овластување“, „примање поткуп“ и „давање поткуп“.

Од нив седум се службени лица вработени во Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина, а деветмина се сопственици, управители или овластени лица во компании.

Како што соопшти МВР, врз основа на наредба вчера од слобода се лишени тројца од осомничените, а четвртото лице за кое е издадена наредба не е достапен за органите на прогонот зашто  е надвор од Македонија. Тројцата осомничени се изведени пред судија на претходна постапка кој им одреди мерки на претпазливост, односно забрана да го напуштат живеалиштето поради што им се одземени патните исправи и имаат обврска да се јавуваат во суд, како и забрана за вршење на дејност.

- Пријавените седуммина, во својство на службени лица, вработени во Министерството, Државниот инспекторат и Управата за животна средина, во текот на 2014 година искористувајќи ја својата службена положба и овластување на одредени правни или физички лица кои се јавуваат во својство на баратели на дозволи или потврди за вршење дејност-увоз на стоки со ознака Д4, односно кои согласно тарифникот се под режим на ограничен увоз, а кои дозволи се издаваат од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, им овозможуваат противправно да се стекнат со нив и покрај тоа што не поседуваат целокупна документација, соопшти МВР.

Покрај тоа, пријавените вршеле редовни инспекциски контроли и притоа во записниците од извршената контрола им внесувале лажни податоци, кои не соодвествувале со состојбата, со цел да не бидат казнети, а да бидат фаворизирани пред други правни субјекти, по што продолжувале противправно да извршуваат дејност, а за сметка на тоа се стекнувале со противправна имотна корист.

За тоа да биде реализирано, осомничените сопственици и управители на правни субјекти, на пријавените службени лица им ветувале, односно им давале поткуп во форма на парични средства, угостителски услуги и патувања во земјата и странство за да постапат противзаконски во делот на издавање различен вид на дозволи и покрај што барателите не ја поседувале целокупна документација.

- На ист начин се обидувале да издејствуваат и скусување на законски предвидените рокови потребни за издавање на одреден вид на дозволи, поточно ексим дозволи за увоз на стоки, како и да вршат притисок врз точно посочени правни субјекти–создавачи на отпад од пакување да склучат договори со точно посочени Управувачи со отпад чии сопственици и управители се дел од пријавените, а кои, пак, се во блиски релации со службените лица, наведува МВР.