Македонија
14. November 2015 - 13:32

Кривична пријава за скопјанец кој произведувал марихуана

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Г.Ј.(30) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Од страна на судија на претходна постапка, на пријавениот одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

- Единицата за недозволена трговија со дрога, по добиеното сознание дека непознато лице од Скопје, во својот дом неовластено произведува и поседува марихуана, која ја подготвува и пакува за улична продажба, презеде интензивни мерки и активности за утврдување на идентитетот на лицето и потврдување на добиените сознанија, информира денеска МВР.

Од преземените мерки и активности утврдено е дека Г.Ј. се занимавал со неовластено призводство и продажба на марихуана и во текот на јули годинава, и во непосредна близина на домот засадил и одгледувал две стебла од растението канабис. Во текот на минатиот месец од засега непознато лице, за сума од 2.500 евра набавил околу 800 грама наркотична дрога марихуана, која во својот дом ја препакувал во помали полиетиленски паковки, со намера да ги пушти во улична продажба откако ќе најде купувачи.

Завчера со наредба од судија на претходна постапка извршен е претрес во домот на пријавениот, при што се пронајдени и одземени околу еден килограм марихуана која била спакувана во 27 полиетиленски пакувања за улична продажба, две тегли и една ќеса облепена со селотејп, две стебла марихуана, како и две засадени стебла марихуана во дворот. Во домот на пријавениот е пронајдена дигитална вага со траги од марихуана, како и 17.000 денари.

Со Г.Ј. извршен е разговор и појаснил дека сам ја насадил и набавил марихуаната, која е пронајдена во неговиот дом и дека планирал да ја продава откако ќе најде купувачи.