Македонија
16. February 2019 - 12:07

Kривопаланечките пожарникари лани со 46 интервенции

 Припадниците на Кривопаланечката Територијална противпожарна единица во текот на минатата 2018 година извршиле вкупно 46 интервенции од кои 12 биле со поголема материјална штета.

-Вкупната настаната материјална штета во сите пожари што се случија на подрачјето на општина Крива Паланка лани изнесува околу 2,9 милиони денари, а според статистиката има два пожари со последици, од кои две повредени лица и едно загинато лице, кое починало во настанат пожар. Четириниаесет интервенции биле на пожари на имот во државна сопственост, со материјална штета, вкупно околу 57.000 денари, додека поголем процент од пожарите, 31 се на имот во приватна сопственост со проценета материјална штета од 2,7 милиони денари, информира Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.

Алармантен податок е дека од 46 интервенции и случени пожари на имот во државна и приватна сопственост, само во еден случај имотот бил осигуран. Од вкупниот број настанати пожари 24 се случиле на отворен простор на вкупна површина од 8.611 метри квадратни.

-Најголем процент од пожарите и во 2018 година се настанати од невнимание, од човечки фактор, вкупно 21, а намерно предизвикани биле 13 од пожарите, додека кај осум не е утврдена причината за настанување, додаде Коцевски.

Тој посочи дека под итно е потребно изведување хидранската мрежа во градот, приоритетно да се направат напори за надминување на лошата состојба на постоечката, како примарна и ефикасна заштита на градот од пожари, а го посочи и проблемот со паркрањето на возилата во градот пред влезот и излезот каде е сместена ТППЕ што во одредени случаи прави проблеми.