Македонија
29. December 2019 - 19:38

Крушево подготвено претстојните празници - сместувачките капацитети исполнети

Во Крушево се бара кревет повеќе за Новогодишните и Божикните празници. Скоро целосно се исполнети капацитетите и во хотелите и во приватното сместување. Гостите се претежно од Македонија, а помал број од странство. Единствено што недостасува е снегот за да се комплетира зимската бајка.

„Се подготвуваме за одлична сезона, се надеваме дека временските услови ќе не послужат оваа година, како и топлата атмосфера кај нас така и скијачките патеки ќе бидат на располагање и гостите ќе ужииваат“, рече Андријана Ристеска, сопственик на хотел.

„Во градот се чувствува новогодишната еуфорија, очекуваме овие денови да ни пристигнат веќе гостите, се надеваме дека ќе ни даде Господ и малку снег“, кажа Шуле Маркоски, жител на Крушево.

„Да се избегне малку метежот по градот, да се дојде, да се ужива во природата. Малку различен одмор, активен одмор, имаме изинајмување велосипеди, имаме изнајмување на мотори АТВ“, Јаким Митрески, истакна менаџер на хотел.

Бројот на туристи оваа година во Крушево бил зголемен за 25%. За поголемо привлекување на гостите се воведувата и нови содржини, на популарниот Станиќ ќе се граделе и нови капацитети. Eкперти пак од Швајцарија и Словениија ќе проектирале патеки за планински велосипедизам.

„Се обновија и се реконструираа постоечките ски терени на Станиќ, исто така Општината објави тендер за издавање на нови сместувачки и ресторанскии услуги на Станиќ“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Комплетно ќе се реконструира и полетувалиштето за параглјадеристи каде ќе се гради и контролна кула.

„Новогодишните празници ќе бидат интересни за параглајдеристите затоа што оваа сезона имаме можност и поволни клииматски услови за летање, а се надеваме дека ќе има и снег за да скијаме“, рече Христина Пејчиновска, параглајдинг Инфо Центар Крушево.

Но дел од Крушевчани сепак сметаат дека е потребна многу поголема реклама и вложувања во Крушево од страна на државата.

„Сум работел јас во исито вакво место пандан на Крушево, Мецово се вика, таму преку целата година има гости тарапана, преполно, а кога ќе направам компарација со Крушево празно е“, вели Трифун Трајчулески, жител на Крушево.

„Повеќе треба да се анимираат туристите, за да не одат во Бугарија или Грција, туку да доаѓаат тука“, додаде Жане Трајчулеска, жител на Крушево.

За Нова година Крушевчани на плоштадот ќе го забавува Викторија Лоба.