Македонија
31. July 2020 - 19:38

Крушево подготвено за Илинден

Редари ќе бидат распоредени и ќе се грижат да бидат запазени протоколите на манифестацијата за одбележување на 117 години од Илинденското востание во Крушево. Тие ќе ги предупредуваат граѓаните кои ќе присуствуваат на манифестацијата по однос на носењето маски и дистанцата.

-Не можеме ние како научни културни средби и општина Крушево да им го ограничиме слободата на движење на сите граѓани, тие се добредојдени, но под строги китериуми, држење дистанца, заштитни маски, заштитни средства. Ќе бидат предупредувани, но и ќе има штандови каде ќе бидат понудувани граѓаните. Оние кои нема да почитуваат ќе ги замолуваме, ќе ги предупредуваме, ќе мора да се грижиме за здравјето, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Градоначалникот потенцираше дека коњаницата нема да биде пречекана како изминатите години, заради протоколите тоа ќе биде на дистанца и со помал број луѓе.

-Зазедовме став и како организационен одбор на научно културни средби „10 дена Крушевска република“ заедно и по препорака на Министерството за здравство и МВР да нема поголемо групирање при нивни дочек, ќе дојдат на платото и ќе се сместат каде секоја година традиционално се сместуваат. Сакам да ги повикам нивните водачи, индивидуалци да се пријават во научно културните средби за заедно достоинствено да положиме цвеќе на паднатите борци, рече Христоски.

Продолжениот викенд пак, ќе ги наполни капацитетите на Крушево. До денес исполнети се 60-70% од сместувачките капацитети, а се очекуваат да пристигнат уште туристи.

-Сега се насочивме кон домашните туристи, од викенд во викенд имаме се повеќе, се надеваме ќе оди во нагорна линија, рече Шули Налбантоски, угостител.

Денеска пристигнува Илинденската коњаница, утре започнува манифестацијата „10 дена Крушевска република“, додека на 2 август активностите започнуваат со полагање цвеќе на споменикот кај Слива, на споменикот на Никола Карев кај Македониумот. Потоа се продолжува на Мечкин Камен.