Македонија
10. July 2021 - 16:42

Крушево води битка за да обезбеди вода

Ако пред повеќе од 100 години борбата во Крушево се водела за создавање на сопствена и самостојна држава, денес во 21 век борбата се води буквално за секоја капка вода. 

Нема извор или поточе околу градот, во коријата, кое можело, а не се искористило за водоснабдување. Но за жал и таа вода е малку. А тоа има огромно влијание врз животот во градот и секако врз туризмот.

Жан Здравески Шапе е еден од најстарите угостители во Крушево. Вели дека поради немањето на вода често се случува туристите да откажуваат и аранжмани.

„Секој гостин кој доаѓа во Крушево логично е дека тој треба да се истушира и основни хигиенски работи да направи. Во летните периоди посебно кога е жешко времето се има случувано да откажуваат аранжмани“, вели Жан Здравески Шапе, угостител.

На ист став се и хотелиерите.

„Некогаш има рестрикции, некогаш има целосно запирање на водата. Тоа е многу тешко за да го објасниме на нашите туристи, особено на странците кои се зачудени во 21 век да има проблем со водоснабдување“, истакна Методија Стојчески, менаџер на хотел „Панорама“.

За да нормално функционира Крушево се зема вода од Регионалниот водовод „Студенчица“ која пак се качува до градот со помош на оваа пумпа кај селото Норово, но тоа јавното претпријатие „Комуна“ го чини и по 10 до 15.000 евра месечно. Пари кои тие ги немаат и само се акумулира долгот кон ЕВН.

Излезот во моментов се гледа во земање на вода од изворите кај селото Сланско кои територијално припаѓаат на Општина М. Брод. Но жителите и Општината не ги даваат тие извори веќе со години.

„Баравме неколку алтернативи, тие 3 месеци што ни се критични нас да ја дозафатиме таа вода, а потоа да се врати во самото село Сланско и во Македонски Брод“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Општина Крушево.

Со теренско возило тргнавме да видиме каде се наоѓаат овие извори. Крушево веќе користи неколку извори кои се наоѓаат на територија на Македонски Брод. 

„Моментално користиме едни извори од овој дел кој се вика Јачмениште и дел имаме на таа страна и други извори под Бушева Планина. Од сите извори добиваме од 4 до 5 литри во секунда“, вели раководителот на одделението за водовод Николоски.

На Крушево му се потребни уште 5 до 6 литри вода вода во секунда за да има нормално водоснабдување без да се приклучува на Студенчица. Стигнавме и до изворите за кои сега е води спор помеѓу двете општини.

„Оваа вода се употребува сега најверојатно само за наводнување, бидејќи никаде не е приклучена. Изворите не се поврзани“, истакна Николоски.

Преку планината слеговме и до селото Сланско. Но никој од жителите не сакаше да даде изјава во камера. Позади камерите велат дека Крушево веќе имало земено извори од територија на М. Брод. Овие извори кои сега ги бара Крушево ги користеле како вода за пиење и за да се одржува биолошкиот минимум на селската река. Велат не дека не сакаат да му дадат вода на Крушево, туку реално немало толку вода. На ист став се и од Општина М. Брод од каде исто така не сакааа да дадат изјава во камера.

Дали Крушево ќе добие вода во иднина најмногу ќе зависи од тоа колку двете општини ќе сакаат да си помогнат едни со други, да седнат на маса и да најдат прифатливо решение и за двете страни.