Македонија
26. February 2021 - 18:49

Левица: Правда ќе има само со конфискација на нелегално стекнатиот имот на Мијалков

После фијаското со самопријавувањето на Мијалков во Обвинителството и скандалозната изјава на премиерот Заев дека тој лично координирал со акцијата, како да е обвинител, а не премиер – денес беше изречена 12 години затворска казна за поранешниот директор на УБК. Се работи за еден од најголемите криминали и злодела на претходниот режим, преку кој масовно беа нелегално прислушувани тогашни критичари на власта, вклучително и претседателот на Левица – Димитар Апасиев.

Со падот на тогашната власт, Сашо Мијалков продолжи да биде продолжена рака на новиот режим, директно учествувајќи во недемократските процеси на новата Влада, како што беше насилната промена на уставното име. Впрочем, семејните фирми на Мијалков неколкукратно ги зголемија своите профити преку државни тендери доделени токму од власта на СДСМ.

И покрај помпезните изјави на власта дека со оваа одлука правдата е задоволена, политичката пракса во Македонија го покажува спротивното. Впрочем, денеска како главен преговарач со Бугарија и ревизор на учебници е поранешен премиер кој беше осуден на три години затвор, пресуда која никогаш не стапи на сила. Да не заборавиме дека токму денешниот премиер на Македонија е аболицирано лице, додека пак како амбасадор во САД е испратен Фрчковски – лице со кое се врзуваат многу скандали и контроверзии, особено од времето кога токму тој беше Министер за внатрешни работи при што се случи атентатот врз Претседателот Киро Глигоров, случај кој никогаш не беше расчистен. И на крај, разните случаи на бегство и застарување на делата, како што е случајот токму со премиерот од претходниот режим Груевски, остава голем сомнеж дека и во овој случај ќе се создадат слични околности кои ќе значат прикриена амнестија на криминалецот или негова привилегирана положба на „издржување“ на казната.

За правдата да биде задоволена, потребно е спроведување на конфискација, односно како што предвидува член 97 од Кривичниот законик: „Од сторителот ќе се конфискува имотната корист прибавена со кривичното дело што се состои во пари, подвижни или недвижни предмети од вредност, како и секоја друга сопственост…, а ако нивната конфискација не е можна на сторителот ќе му се конфискува друг имот што одговара на прибавената имотна корист. Имотната корист се конфискува и од трети лица на кои е пренесена без соодветен надоместок, ако не знаеле, а можеле или биле должни да знаат дека е прибавена со кривично дело.”

Јасно е дека Мијалков ја злоупотреби својата политичка моќ, преку која прибави огромна економска корист и политичко влијание при што постана еден од најбогатите олигарси во државата. Токму концентрацијата на политичка и економска моќ ги предизвикува сите девијантни појави на системот – како неказнивост, корупција, уцени и сеење страв спрема граѓаните. Затоа, не е доволно да се лиши Мијалков од слобода, туку нужно потребно е истиот да се лиши од плодовите на неговите криминални дејствија!

Левица