Македонија
24. May 2020 - 16:32

Лидерска средба кај Пендаровски само ако има приближување на ставовите за датумот за избори

Ако има приближување на ставовите претседалот Пендаровски е подготвен да биде домаќин на уште една лидерска средба за утврдување на изборниот датум. Од неговиот кабинет потврдуваат дека засега нема информации дали тоа воопшто ќе се случи следната недела, кога се очекува и нов состанок на Советот за безбедност пред завршување на вонредната состојба во сабота.

Дека двете најголеми политички партии се далеку од договор за изборите докажуваат и нивните секојдневни прес-конференции.

По вчерашната снимка од Струмица објавена на социјалните мрежи каде се гледа делење на пакети за социјална помош, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Заев врши директен поткуп на граѓаните, го загрозуба нивното здравје и противзаконски ја стартува предизборната кампања. Опозицијата бара реакција од Државната изборна комисија, антикорупциска и обвинителството.

 Oва е и знак на огромна слабост. Штом луѓето на Заев се дрзнуваат да делат поткуп значи дека се свесни дека немаат резултати и дека губат. Сега е јасно дека хибридниот режим на Заев сака да се оддржи преку нелегални механизми. Предлагам итно на распит да се повикаат сите инволвирани лица од т.н.  акција делење на „хуманитарна помош“. Воедно прашувам до каде сте со истрагата за пакетите кои ги запленивте во Струмица. Ги охрабрувам сите граѓани кои имаат информации за масовниот поткуп да се обратат до МВР и обвинителството бидејќи ова лудило мора да престане, вели Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.

Од општинската организација на СДСМ во Струмица пак одговорија дека хуманитарната акција не може да биде предизборен поткуп, но ВМРО-ДПМНЕ тоа не може да го сфати бидејќи нема навика да им помага на граѓаните.

Преку социјалните мрежи реагираше и првиот човек на невладината организација задолжена за собирање на хуманитарната помош со став дека делењето на овие социјални пакети не е поткуп во период кога не знае дали и кога ќе има избори, туку знак на солидарност со најранливата категорија граѓани.