Балкан
1. April 2019 - 8:24

Лимај: Таксата останува се додека Србија не сфати дека треба да го смени односот кон Косово

Косовскиот вицепремиер и копретседавач на државната делегација за преговори со Србија, Фатмир Лимај порача дека таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина ќе остане се додека Белград не сфати дека треба да го смени својот однос кон Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Лимај во интервју за косовската државна телевизија РТК синоќа побара од политичките субјекти во земјата да бидат едногласни кога е во прашање соседна Србија и нагласи дека тоа е содржано и во платформата за преговорите со Белград, која на почетокот на март годинава беше усвоена од Собранието на Косово.

– Се додека постојат причините – а ги има стотици – поради кои бевме принудени да ја воведеме таксата, таа нема да се укине.Таксата нема да се укине без да се исполнат нашите услови и мислам дека тоа им е јасно на сите. Сама по себе таксата нема да се укине без да се исполнат барањата на Косово. Очекувам Србија да рефлектира во тој правец, изјави Лимај.

Вицепремиерот и лидер на владејачката Соцјалдемократска иницијатива (Нисма), кој заедно со претседателот на Социjалдемократската партија (ПСД) Шпенд Ахмети, ја води државната група за преговори со Белград, информира дека, како што рече, и истрагите за злосторствата што Србија ги извршила во Косово во војната од 1998-99 година се дел од платформата за преговори.

– Почитувањето на одлуките на Парламентот и Уставот на Косово се основа за одбраната на интересите на државата, изјави Лимај.