Македонија
17. јуни 2017 - 17:03

Локализиран пожарот во струшката депонија - депонијата повеќе нема да се користи за складирање отпад

Пожарот во струшката дива депонија е целосно локализиран, а со помош на расположливата градежна механизација на неколку компании се врши конзервација на отпадот. Градоначалникот Мустафа Забзун вели дека граѓаните на Струга веќе не треба да стравуваат, бидејќи ситуацијата е комплетно ставена под контрола.

Тој најави дека идната недела ќе бара средба со премиерот Зоран Заев, за да се изнајде нова локација за одлагање на отпадот, која мора да биде оддалечена 30 километри од општина Струга.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека само гаснењето и тампонирањето нема да го решат проблемот со депонијата и бараат итна дислокација, поради опасноста наталожениот отпад да ги загади подземните води кои се влеваат во Црн Дрим и Охридското Езеро.

Доколку не се исполнат нивните барања, тие најавуваат протести и блокирање на дел од патните правци.

За идната недела, протести за затворање на депонијата и носење на сметот на друга локација најавуваат и голем број на граѓански здруженија од Струга.