Свет
12. August 2022 - 16:36

МААЕ ги повика Русија и Украина да ги прекинат воените операции околу Запорожје

Нуклеарна централа не смее да биде воено поле. Меѓународната агенција за атомска енергија и ОН ги повикаа Русија и Украина да ги прекинат воените акции околу украинската нуклеарна централа Запорожје, предупредувајкќи дека гранатирањето може да предизивка нуклеарна катастрофа. Бараат претставниците на МААЕ да го посетат комплексот што е можно поскоро. Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за нападите, во кои досега според податоците на МААЕ еден реактор е оштетен, но мерењата на радијацијата биле на нормално ниво. Сепак, сето ова може да се промени во секој момент, ако не се почитува нашето предупредување, вели челникот на МААЕ.

- Ова е сериозен момент, гробен час. На МААЕ мора да ѝ се дозволи да ја изврши својата мисија во Запорожје што е можно поскоро, изјави Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Атомската централа лоцирана во близина на градот Енергодар, југоисточна Украина е под руска контрола а во неа работи украински персонал. На барање на Русија Советот за безбедност на ОН вчера одржа итен состанок за ситуацијата околу најголемата нуклеарна централа во Европа. Генералниот секретар на ОН и Киев предложија создавање демилитаризирана зона околу Запорожје. Русија не го поддржа тој предлог, но се согласи инспектори на МААЕ да ја посетат нуклеарната централа. Во текот на вчерашниот ден нови гранати паднаа околу Запорожје. Киев соопшти дека комплексот бил погоден пет пати, вклучително и во близина на местото каде што се чуваат радиоактивни материјали. Официјални претставници назначени од Русија изјавија дека Украина двапати ја гранатирала централата.

Во нормални времиња, нуклеарната централа Запорожје произведува една петтина од електричната енергија во Украина и речиси половина од енергијата произведена во нуклеарните централи во земјата.