Свет
1. November 2017 - 12:19

Мафијашки шеф уапсен поради нарачано убиство на својата ќерка

 

Шефот на мафијата во сицилијанскиот град Багерија, Џузепе Пино Скадуто, вчера беше уапсен под обвинение дека го поттикнувал својот син да ја убие неговата ќерка, но и полицаецот кој бил во врска со неа.

Тој беше уапсен заедно со уште 15 лица за време на операцијата против Коза Ностра.

Скадуто му наредил на синот да ја убие сопствената сестра, откако Советот на мафијата, според кодексот, донел одлука за нејзина егзекуција поради сомнеж дека е полициски доушник.

Но, синот не го послушал својот татко, плашејќи се од затворска казна доколку биде откриен. За сето ова го информирал својот пријател.

- Не сакам да го сторам тоа. Ако сакаш да ја убиеш, направи го тоа сам. Зошто да се заморувам со тоа? Имам само 30 години, му рекол синот на неговиот татко.

Тој разговор го прислушувал специјален анти-мафијашки полициски одред, кој добил одобрување од властите во Палермо за апсење на мафијашкиот бос и неговите најблиски соработници.

Еден ден подоцна, во акцијата наречена Нова Зора, Скадуто и 15 негови соработници беа уапсени и обвинети за создавање на криминална организација и изнудување од локалните бизнисмени.