Македонија
20. May 2020 - 16:44

Мајки на породилно бараат продолжување на платеното отсуство на 12 месеци

Група мајки кои се на породилно бараат продолжување на платеното отсуство поради ситуацијата со Ковид-19. Реагираат дека градинките не вршат упис и не знаат кој ќе им ги чува децата ако наредниот месец мора да тргнат на работа доколку се нормализира состојбата.

- Породилното отсуство да ни се продолжи и да трае 12 месеци за сите. Ако градинките не примаат нови дечиња како што тврдат вработените во градинките како мајките кои се во работен однос да не го изгубат работното место, а потребно е да си ја зачуваат работата , но и децата, изјави за Сител Емилија Митева, мајка која е на породилно отсуство.

На прашањето за барањето на мајките за продолжување на породилното од ресорното министерство за труд и социјала не добивме одговор.

Според здравствените власти градинките нема да бидат отворени додека не заврши скринингот. Од досега направените 1131 тестирања на вработените во воспитно-образовните установи  потврден е само еден позитивен случај на ковид-19 во Битола.

Од друга страна мајки реагираат дека доцни и исплатата на породилното. Некои не земале пари ниту за март.

-Има една мајка на која сопругот поради состојбата добил отказ од работа и единствен приход им се парите од породилно, вели Митева.

Од Фондот за здравство информираат дека доцнењето е поради имплементирање на уредбата со која се продолжува породолното поради мерките за пандемијата.

-Сакаме да известиме дека исплатата за месец март и април е веќе започната и во наредните неколку дена ќе биде во целост ефектуриана, велат од ФЗО.