Бизнис
15. December 2019 - 19:34

Македонија и Бугарија ќе развиваат идеја за социјално претприемништво

Социјалното претприемништво во европските држави не е ништо ново. Во Европа постојат 2 милиони социјални претпријатија кои претставуваат 10% од сите бизниси во Европската Унија.

На социјалната економија во унијата работат повеќе од 11 милиони луѓе што е 6% од вкупниот број на вработени. Во регионот состојбата е многу поразлична. Од фондацијата за развој на мали средни претпријатија од Струмица велат социјални претпријатија има и во Македонија, но нивниот број е многу мал. Слична била состојбата и во соседна Бугарија.

„Досегашните анализи и искуства покажуваат дека развојот на социјални претпријатија и во Северна Македонија и во Република Бугарија се на самиот почеток. Анализите покажуваат дека развојот на социјалното претприемништво е поврзано со граѓанскиот сектор и функционираат со самите граѓански организации, односно со услугите и активностите што ги нудат граѓанските организации“, вели Васка Ташева, Фондација за развој на МСП.

За да се промени ваквата состојба и да се подигне свеста за развој на социјалното претприемништво во пограничниот регион фондацијата за развој на мали и средни претпријатија во соработка со бизнис инкубаторот Гоце Делчев од Бугарија започнаа со реализација на проект и кампања  за развој на еко систем за социјално претприемништво. Во рамки на проектот кој е насочен пред се на младите и учениците од средните стручни училишта, младите во ризик, невладините организации ќе биде отворен и центар за социјално претприемништво.

„Целта на проектот е да придонесеме за подигање на свеста за социјално претприемништво пред се преку зајакнување на довербата со директните корисници и институции за градење на посилни односи меѓу нив и вмрежување, како и за подобрување на конкурентноста за подобрување на вработувањето во регионот“, вели Ташева.

Проектот ќе трае 15 месеци. За негова реализација преку Интерег ИПА програмата за прекугранична соработка обезбеден е буџет од 117 000 евра.