Македонија
10. November 2017 - 15:24

Македонија и Чешка ја унапредуваат трговијата со земјоделско-прехранбени производи

 

Потенцијалот на Македонија и Чешка во земјоделското и сточарското производство е голем и треба соодветно да се искористи, заклучија на денешниот состанок министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и новоименуваниот амбасадор на Република Чешка  Мирослав Томан.

Николовски и Томан разговараа за унапредување на билатералната соработка во областа на земјоделството. Предложија и иницијатива за потпишување меморандум за разбирање меѓу двете министерства каде ќе се утврдат областите на заеднички интерес и формите на идната соработка.

Македонската преработувачка индустрија за овошје и зеленчук, беше речено на средбата, бележи зголемување на извозот во Чешка што е многу значајно бидејќи преработките имаат додадена вредност и постигнуваат повисока цена.

Амбасадорот Томан упати покана до министерот Николовски за посета на Република Чешка, на најголемиот и најзначаен меѓународен саем за земјоделство и храна што се одржува во август следната година, заедно со фирмите кои се заинтересирани за извоз на земјоделско прехрамбени производи. Во рамки на оваа посета ќе биде остварена и средба помеѓу министрите за земјоделство на Република Македонија и на Република Чешка, на која е планирано да се договорат идните конкретни чекори за соработка во доменот на надлежност на двете министерства.

Република Чешка е значаен трговски партнер за Република Македонија. Во таа насока се планира долгорочна поддршка за промоција на македонското вино и преработки од овошје и зеленчук на чешкиот пазар, преку поддршка што државата ја озбебедува за настап на саеми и промотивни настани во Република Чешка.