Македонија и Србија ќе ги укинуваат трговските бариери
Македонија и Србија ќе формираат меѓувладин комитет за решавање на трговските бариери и унапредување на размената.
Ова вчера го соопштија македонскиот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и српскиот министер Расим Љајиќ по работниот состанок за брашното во Скопје.
Токму проблемот со брашното, како што рекоа, ги отвори и останатите прашања кои двете страни мора да ги решат за непречен проток на стоките и услугите.
Целта на комитетот, но и воопшто на заложбите на владите на Македонија и на Србија, е трговската размена од сегашните 760 милиони евра, како што предочи Љајиќ, годинава да достигне милијарда евра.
Комитетот првпат ќе заседава на 14 март во Белград, а ќе ги нотира сите бариери кои постојат од едната или од другата страна. Ќе дискутира и за извозот на македонските производи: вино, алкохол, тутун..., како и за меѓусебното признавање на сертификатите меѓу двете земји. Воедно ќе понуди конкретни решенија.
- Комитетот ќе ја разгледа и оправданоста на маркичките за брашното и нема да има проблем тие да се укинат ако стопанствениците побараат или имаат интерес за такво нешто, рече Николовски по состанокот.
Проблемот со брашното настана откако Македонија на 8 февруари годинава воведе нов Правилник за увоз со кој предвиде, маркичките да се ставаат во земјава, по целосната контрола за безбедност и здравствена исправност на пратките, а не како досега, уште пред тие да дојдат на граница, од страна на извозниците. Тоа „ја дигна на нозе“ Србија. Посебно реагираше Деловната асоцијација на индустриски мелници, пекари и производители на тестенини „Житоунија“ од Нови Сад која побара од државата итно да воведе контра мерки кон Македонија.
Николовски и Љајиќ беа во постојана комуникација, телефонски. Српскиот министер требаше да дојде минатиот петок но ја откажа средбата со образложение дека „не е постигнато решение“.
Министрите вчера во Скопје договорија за увозното брашно од еден, два и пет килограми маркичките да се лепат во Србија, а за пакувањата од 25 и 50 килограми да се ставаат во Македонија. По средбата истакнаа дека двете страни направиле отстапки за да се дојде до решение на проблемот.
- Ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми меѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата, потенцираа министрите на Македонија и Србија.
Николовски рече дека Правилникот, согласно договореното, ќе биде сменет веднаш.
Ново на Сител
-
Во општина Гостивар гласале над 20 илјади граѓани
-
До 15 часот во Велес излезеноста 38,93 отсто, во Чашка 37, а во Градско 41,64
-
МВР: Регистрирани пет нови инциденти при гласање ширум државата
-
Оваа година поголем одзив до 15 часот во споредба со 2019
-
Излезеноста во Куманово до 15 часот 33 проценти, во Липково 25, во Старо Нагоричане 35
-
Излезеноста на изборите до 15 часот во Дебар 22, во Центар Жупа 13,11 отсто
-
Во Новаци гласале повеќе од половина жители, најмала излезност во Центар Жупа
-
Излезноста до 15 часот е 35,89 отсто