Македонија
18. October 2016 - 10:51

„Македонски шуми” - Кавадарци испорача над 19.000 кубни метри огревно дрво

Јавното претпријатие „Македонски шуми” подружница  „Бор"  од Кавадарци, заклучно со 15 октомври има испорачано над 19.000 кубни метри  огревно  дрво за домаќинствата  или 85 проценти од договорените количини, информира денеска директорот Слободан Климоски.

- До крајот на тековниот месец сите што склучиле договор ќе добијат барем половина од количината која ја уплатиле, а остатокот ќе го добијат најдоцна до првата декада од ноември. Подружницата има доволно залиха на шумско-камионски пат и секојдневно пристигаат нови количини на плац, соопшти  Климоски.

Според него, сите што не се снабдиле навреме со дрва за огрев ќе можат да си купат по испораката на договорените количини.

- Од 1 ноември ќе почне сечата на огревно дрво од државна шума за сопствени потреби, популарна кај населението како селска сеча, информира директорот.