Македонија
4. December 2020 - 16:47

Македонскиот манифест има за цел да ги поддржи напорите на Владата за европска интеграција но не по секоја цена

Македонскиот манифест зад кој застанаа МАНУ, МПЦ и УКИМ има за цел да ги поддржи напорите на Владата за европска интеграција на Македонија, но не по секоја цена.

Во писмена изјава за Сител, ректорот Јанкуловски вели дека зад овие ставови застанале сите декани и членови на ректорската управа на состанок одржан пред 3 дена.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје како продолжувач на традицијата на сесловенските просветитeли и како најголем и најстар универзитет во македонската држава, во чии организациски единици се истражуваат, се проучуваат, се негуваат и се афирмираат македонскиот јазик, македонската историја и македонското културно и духовно наследство, ги поддржува стратешките напори на Владата за интегрирање во ЕУ, но во исто време  ги повикува сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигањата на македонските научни работници, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје  останува доследен на својата посветеност во насока  на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ (македонскиот јазик, историјата, литературата и културата) и, истовремено, на негувањето на културните вредности на другите етнички заедници во РМ, вели ректорот Јанкуловски.

Во период кога целата јавност е фокусирана на преговорите со Бугарија, вчера за прв пат МАНУ МПЦ и УКИМ се обединија во т.н. македонски манифест во кој ги исцртаа црвените линии преку кои власта не смее да помине во разговорите со Бугарија, ниту по цена на европската интеграција на земјава.

Бараат преговорите да се водат на рамноправна основа со почитување на достоинството на македонскиот народ.