Loading Video...
Ракомет
17. јуни 2019 - 14:10

Македонските ракометари свесни: Ќе мора да одиграме многу подобро од квалификациите, ако сакаме добар пласман на ЕП

Македонија по шести пат, петти во низа ќе биде дел од завршницата на Европскиот ракометен шампионат. Освојувањето на првото место во групата ќе даде и поповолна ситуација за ждрепката закажана за 28 јуни во Виена. 
 
Со четири победи, еден пораз и едно реми, Македонија го освои првото место во групата пред Исланд, Турција и Грција и очекувано се пласира на завршницата на првенството кои догодина ќе се одржи во Австрија, Норвешка и Шведска. 
 
Тоа ќе биде прв шампионат на кој ќе настапат 24 земји, но тоа не значи дека ќе биде лесно, смета капитенот Кирил Лазаров кој додаде дека во овие квалификации нашата селекција имала бројни недостатоци во играта, но дека  на крајот се памети само резултатот.
 
„Среќни сме поради пласманот на Европското првенство, но ова не е најдоброто од нас, мораме да играме многу подобро. Првата позиција ќе ни донесе подбра ждрепка. Игравме со поразличен тим од претходниот меч, но тоа дека сме подмладени не е изговор, и Франција и Германија се млади. Не треба да се делиме на млади и стари, туку на добри и лоши. Мора да имаме притисок за да успееме“, изјави Лазаров.
 
Селекторот Данило Брестовац очекува пред се од помладите уште поголема ангажираност и добар настап во нивните клубови во првиот дел од следната сезона, со што би се наметнале за место во тимот кој ќе не преставува на Европското првенство.
 
„Факт е дека ни требаат повеќе заеднички натпревари како подготовка. Ќе ни треба во ЕХФ неделата да одиграме на некој квалитетен турнир за да добиеме на сигурност на минати километри заедно. Тоа ќе ни биде значајно за настапот на шампионатот“, дополни Брестовац.
 
Изгледот на групите ќе биде познат по ждрепката закажана за 28 јуни во Виена, а од нашиот табор посакуваат да бидеме во група чиј домаќин ќе биде Австрија пред се поради поддршката која би ја имале од нашата публика во оваа земја. Европското првенство ќе се одржи 9 до 26 до јануари 2020 година. 
 
Покрај Македонија, ко-домаќините Австрија, Шведска, Норвешка и актуелниот првак Шпанија, на  ЕУРО 2020-та ќе настапат и селекциите на: Македонија, Хрватска, Германија, Исланд, Словенија, Летонија, Франција, Португалија, Унгарија, Данска, Русија, Полска, Швајцарија, Србија, Холандија, Чешка, Белорусија, БиХ, Црна Гора, Украина.