Македонија
7. November 2019 - 16:38

Макрон предвидува распаѓање на НАТО алијансата

НАТО е во состојба на мозочна смрт, а Европа стои на работ на бездна. Во интервју за британски “Економист”, францускиот претседател Макрон сподели драматични видувања за иднината на Алијансата и заедничката политика на Европската Унија.

Макрон, кој го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ и кој ги постојано ги нагласува проблемите со кои се соочува Унијата, вели дека е време “Европа да се разбуди”

“Она што моментално го гледаме и низ што поминуваме може да се опише како мозочна смрт на НАТО, а Европа се наоѓа на раб на бездна. Европа мора да почне стратешки да се гледа и да размислува за себе како геополитичка сила. Во спротивно, веќе нема да може да ја контролира својата судбина”, потенцира Макрон.

Тој ги предупредува европските земји дека повеќе не можат да очекуваат од САД, да застанат во одбрана на членките на НАТО.

“Европа мора да развие сопствена воена сила. Европската Унија себеси се гледа како маркет, но мора да дејствува пред се како политички блок, со соптвена заедничка политика за различни прашања. Веќе не постои никаква координација во носењето на стратешки одлуки меѓу САД и сојузниците во НАТО, што е голем проблем”, дециден е Макрон.

Америка по првпат има претседател кој не ја дели идејата за заеднички европски проект. Но дури и да не биде реизбран Трамп, историските текови со го направиле своето и ги раздвоиле старите сојузници – Европа и САД, вели Макрон.

Дополнува дека ќе се согласи за почеток на преговори со Скопје, доколку во следните месеци се реформира процедурата, а земјава продолжи со реформите. Токму за она што сме го сработиле, Макрон ќе има можност да чуе на претстојната средба со Пендаровски. Премиерот очекува францускиот претседател да биде разубеден во Париз.

Премиерот е уверен дека решение за побрз почеток на преговори со ЕУ може да има, бидејќи, како што вели, новата методологија за преговори која ја бара Франција може да биде изработена во наредните месеци.