Македонија
5. November 2016 - 13:59

Малолетник возел трактор и направил тешка сообраќајка, старец се бори за живот

Вчера во 19.35 часот на магистралниот пат А4 Струмица – Ново Село делница од с.Босилово до с.Турново, се случила сообраќајна незгода помеѓу Трактор „ИМТ 533“ без регистарски ознаки, управуван од 16 годишно лице од с.Сарај и патничко моторно возило „Форд Фиеста“ со скопски регистарски ознаки управувано од С.Т.(50) од Струмица.
 
Во незгодата со тешка телесна повреда: крварење во мозокот, скршеница на челна коска, фрактура на горна вилица, се здобил сопатникот во патничкото возило, Ј.М.(78) од Ново Село.
 
На истиот му била укажана лекарска помош во МЦ-Струмица, од каде поради сериозноста на повредите бил препратен на лекување на клиниката за Неврохирургија во Скопје.
 
Со телесни повреди се здобиле двата возачи, кои по укажаната лекарска помош во МЦ-Струмица се пуштени на домашно лекување.
 
Увид на лице место извршила увидна екипа од ПС за БПС-Струмица. Од 20.30 до 22.40 часот сообраќајот бил во прекин.