Македонија
14. August 2018 - 16:35

Матичните лекари немаат медицински сестри во Свети Николе

Матичните лекари во Свети Николе остануваат без медицински сестри. Средно медицинскиот кадар од овој град си заминува или во странство или во јавното здравство, алармираат од Здружението на приватни лекари. Докторите и прегледувале пациенти и печателе рецепти и аплицирале инјекции. Слична е состојбата и во Виница, а со овој проблем се соочуваат и неколку приватни здравствени установи во Скопје.

-Претходно заминале 2 медицински сестри, а сега 2 ќе одат во Германија и 5 од примарното си заминуваат во јавното здравство, нормално заради финансиски причини. Значи алармантна е состојбата со медицински сестри во Свети Николе, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

И од здруженијата на медицински сестри подолго време реагираат дека загрижувачки се намалува бројот на овој кадар во земјава. Малите плати ги бркаат сестрите од Македонија или од државните си одат во приватните болници. Бараат професијата повеќе да се вреднува.

- Мора да се знае кои се компетенциите, тоа мора да се определи. Не може сите да работат исто и исто да бидат платени. Не може да не се признае неформалното образование кај сестри, мислам на постари сестри кои се специјализирани во одредена група и се ментори на работното место на помладите сестри. Мора да бидат мотивирани и наградени, изјави Велка Гавровска Лукиќ, претседател на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки.

Дека во земјава навистина има недостиг на медицински сестри покажува и статистиката. Ако во европските држави имаат по 600 на 100 илјади жители кај нас за толку граѓани има само по 350 сестри.