Македонија
21. April 2020 - 16:47

Медицинските сестри работат под стрес и им треба психолошка поддршка

Кумановската болница е рекордер од здравствените установи во земјата со најмногу заболени медицински лица со Ковид-19. Дури кај 65 вработени е дијагностициран корона вирусот.  Директен контакт со заразен пациент, немање или несоодветно носење на заштитната опрема ја смести Македонија на врвот од земјите во регионот со најмногу заболени здравствени работници. Координаторката на медицинските сестри вели дека нејзините колешки се свесни за ризикот и опасноста од заразата т во инфективните одделенија. Многу од нив наместо дома кај своите мали деца или возрасни родители со кои живеат, завршиле во болница или самоизолација поради заболување од опасниот вирус.

-Она што може да побараме како заштита на здравствените работници, односно, да го симнеме товарот дека може да ја пренесат асимптоматски заразата здравствените работници на своите најблиски, треба државата да размисли и обезбедни превоз и престој за медицинските лица додека трае тој период, како и посткарантинскиот период, вели Вики Котевска, координатор на медицински сестри.

Котевска вели дека здравствените работници се под постојан хроничен притисок, особено кога пред очи ќе им почине пациент кој не успеал да го победи вирусот. Затоа и тие имаат потреба од психолошка поддршка.

-Не може да кажам дека нема страв, со самото влегување во болниците се свесни медицинските лица за опасноста. Но мора да внимаваме на одржување на металниот дух на здравствените работници за да нема страв кај оние кои ќе слушнат дека медицинско лице се заразило, мора да одат на работа, вели Котевска.

Околу 1600 медицински сестри досега поминале онлајн едукација за правилна употреба на заштитната опрема – нејзино облекување но и правилно отстранување од телото.

-Не може да речат дека не знаат да ја користат, но знаете, тоа е обострано – џабе опрема ако не се почитуваат мерките, или, џабе мерки ако нема опрема. Поминавме едукации, обуки за правилно користење, вели Котевска.

Првиот здравствен работник во земјата со Ковид-19 беше поранешната директорка на Кожна Клиника, која и покрај враќањето од ризична земја одеше на работа и зарази 6 свои колеги.