Македонија
27. October 2017 - 12:43

„Меѓаши“: Пратениците поактивно да се занимаваат со правата на детето

Правото на децата на соодветно образование и здравствена заштита, здрава животна средина и чист воздух, како и правото на хуман третман за малолетници кои сториле кривични дела генерално биле темите на кои дискутирале македонските пратеници во првите осум месеци од годината. Во иднина потребно е освен на основните, акцент да се стави и на секундарни или терцијални права, како право на детско учество или слобода на говор. Потребна е и поголема самоиницијативност на пратениците, бидејќи од тоа што тие ќе го донесат како законско решение зависи како ќе се реализира остварувањето на овие права.

Ова се пораките што денеска на прес-конференција ги упатија претставниците на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Коалицијата СЕГА, а се резултат на Извештајот за застапеноста за детските права во работата на Собранието на РМ.

Зоран Илиовски од Колацијата СЕГА, рече дека при изготвувањето на Извештајот се следело, како што рече, однесувањето на донесувачите на одлуки и креаторите на политики во Собранието. Со тоа, рече, сакаме да влијаеме тие повисоко на агендата да го стават донесувањето закони или други акти за унапредување на детските права.

- Главните работи кои влијаат врз децата и младите се случуваат врз основа на тоа што ќе го донесе Собранието. Владата е спроведувач на на тоа што ќе го донесе Парламентот. Затоа ќе настојуваме да имаме директни средби со пратениците за да ја промениме нивната свест и делување, рече Илиески.

Во изготвувањето на Извештајот биле земени предвид општествениот и политичкиот контекст во кој функционаирало Собранието. 

- Општествениот контекст и нефункционалноста на Собранието влијаат врз остварувањето на правата на детето и на тоа дали ќе разговараме за егзистенцијални права на детето или за оние други права кои се важни и опфатени со Конвенцијата за заштита на правата на децата, рече Јана Зенговска координатор на проектот од „Меѓаши“. 

Претседателот на „Меѓаши“ Драги Змијанац“ потенцира дека во таа насока се во преговори со Министерството за образование и наука, за измени на Законот за средно образование со кои на децата ќе им се овозможи да практикуваат детско односно младинско учество.

- Забележуваме дека децата имаат потреба низ разни организирани форми во пракса да го негуваат активното улество, да го кажат своето мислење и да не дозволат никој во нивно име да ги застапува и да расправа за нивните права, рече Змијанац. 

Изготвувањето на Извештајот е во рамки на проектот „Имплементација на Конвенцијата за заштита на правата на детето во Македонија“.