Македонија
29. April 2020 - 19:46

Меѓаши регистрирале 4 дојави за насилство врз децата за време на карантинот

Само четири дојави за насилство врз деца добила првата детска амбасада Меѓаши од воведувањето на рестриктивните мерки досега. Меѓутоа, велат дека тој број е доста поголем, бидејќи и во нормални услови не се пријавуваат сите инциденти, а денес тоа е уште потешко.

-Не загрижува каква е состојбата. Ако порано децата можеле да најдат засолниште во училиште или во куќа кај пријатели, тој сигурен простор е сега одземен. Домот и во нормални услови не е сигурен простор, а сега дополнотелно со 24-часовната упатеност плус придонесува општата несигурност, вели Ана Битолјану од Меѓаши.

Од Меѓаши велат дека во моментот лимитирани се можностите за делување, а се бара начин како жртвите поедноставно да пријавуваат, но и да бидат позаштитени.

Од Труд и социјала, пак, велат дека нема зголемен број на пријави за семејно насилство, меѓутоа, во реалноста таа бројка е многу поголема. Според заменик-министерката Шкриељ, жртвите не се сигурни дали институциите ќе постапат. Таа ги повика да пријавуваат бидејќи институциите ќе направат се што треба за да ги заштитат.

-Децата се една многу ранлива категорија. Особено во вакви случаи, кога имаме затворање во семејството може и се очекува да има зголемено насилство врз децата. И токму затоа ги воспоставивме сите тие онлајн платформи и линии за поддршка на родителите и децата, рече Шкриељ.

Родителите кои се под притисок, преку „Линијата за позитивно родителство“ можат да побараат поддршка за тоа како да се справат со предизвиците од кризата.

Од МВР веќе соопштија дека е забележано зголемување на семејното насилство, меѓутоа, конкретни бројки за растот на пријави ќе има откако ќе заврши месецов и ќе може да се направи статистика.