Свет
27. January 2017 - 9:06

Меј го повика Трамп да ги обнови специјалните односи меѓу Велика Британија и САД

САД и Велика Британија имаат одговорност да воспостават специјални трансатлантски односи на почетокот на една нова ера и се должни повторно заедно да го водат светот, изјави британската премиерка Тереза Меј, која е во првата посета на САД, како премиер. 

Меј, која говореше вчера пред конгресмените репубиканци на нивната средба во Филаделфија, пред првата средба денеска со новиот американски претседател, го нарече почетокот на мандатот на Доналд Трамп „нова епоха на американскта преродба“. 

Според неа и двете земји, „Велика Британија надвор од Европската унија и САД по раководство на Трамп имаат шанса, односно одговорност за воспостават специјални односи за таа нова ера“

- Светот минува низ период на промена и како одговор двете земји можатт или да останат странични набљудувачи или да ја искористат шансата повторно да ја играат водечката улога во светот, заедно, како во време на формирањето на ОН; НАТО и други меѓународни организации, рече Меј. 

Таа ги повика двете земји да бидат единствени за да се соочат со новите предизвици - подемот на економииите во Азија, кои би можеле да го засенат Западот, заканата од исламскиот екстремизам и агресивноста на Русија.

Говорот на Меј, кој набљудувачите го определија како „ода за специјалните односи меѓу двете земји,  содржеше и делови посветени на Винстон Черчил, Магна карта, Роналд Реган и Маргарет Тачер.

Во поголемиот дел од говорот, кој траеше речиси половина час, Меј изразуваше симпатии за ставовите на Трамп за светските прашања. Таа се приклучи кон критиките на Трамп за досегашната надворешна политика на САД.

- Двете земји имаат одговорност заедно да водат, бидејќи кога другите настапуваат, а ние се повлекуваме, тоа е лошо за Америка, за Велика Британија и за светот. Не смее да се дозволи враќање кон неуспешните политики од минатото, додаде Меј.

Таа нагласи дека Велика Британија се залага за силна ЕУ, а НАТО го смета за стожер на глобалната безбедност.

Таа го пофали ангажирањето на Трамп во борбата против исламскиот екстремизам, но ја отфрли идејата за забрана на миграцијата на муслимани.

- Треба веднаш да направиме разлика меѓу екстемистичката идеологија на омразата и мирната исламска религија и стотиците милиони нејзини следбеници, рече Меј.

Таа ја призна и неопходноста да се работи заедно со Русија за прекин на војната во Сирија, но предизвика аплауз кога рече дека Западот треба да биде внимателен во однесувањето кон рускиот претседател Владимир Путин.

Меј изрази задоволство поради тоа што склучувањето на билатералната трговска спогодба со Велика Британија е меѓу приоритетите на Трамп.