Македонија
1. August 2020 - 8:46

Мерката 14.500 денари ги задржа работниците, но парите завршија кај работодавачите, следуваат санкции

Да се поддржат фирмите и да не се отпуштат работниците, со ваква цел беше воведена мерката за плата од 14.500 денари по вработен, како дел од економските пакети на Владата за ублажување на последиците од корона-кризата. Според надлежните, таа имаше позитивно влијание и немаше отпуштање на вработени, но анализите покажаа дека голем дел од работниците не ја добиле платата.

Првично мерката се воведе за месеците април и мај, како период во кој беше најсилно влијанието од кризата, но Владата ја продолжи и во јуни.

Министерката за финансии Нина Анеловска ја оценуваше мерката 14.500 денари како поддршка по вработен која може да спаси илјадници работни места.

Замислена да даде финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати на работниците, со мерката, како што изјави министерката, се помага и на работниците, на самовработените и на работодавачите – кои креираат работни места и сите заедно придонесуваат за економски раст и кои ќе

треба да го премостат овој период и да бидат подготвени за фазата на оправување. А опоравување без работниците не е возможно.

Мерката можеа да ја користат сите фирми кои имаа намалени приходи од над 30 отсто во април и мај споредбено со просекот од месеците во минатата година, да не исплаќаат дивиденда или бонуси за време на користење на мерката, да нема над 120.000 денари нето плата на над 10 отсто од вработените.

Наменета беше за сите вработени кои имаат нето плата до 39.900 денари и за сите управители и сопственици со нето плата до 39.900 денари.

Можност имаше фирмите да ја користат и за вработените за кои имаат субвенционирање на придонесите за покачување на платите.

Преку мерката 14.500 во трите месеци поддршка добивале меѓу 17.000  и 20.000 компании.

Мерката се реализираше преку Управата за јавни приходи. Според податоците што на прес-конференција ги соопшти директорката Сања Лукаревска во април финансиска поддршка е дадена на  19.780 работодавачи на кои се исплатени милијарда 793 милиони 207 илјади 630 денари, за вкупно 128 илјади 315 вработени.

Финансиска поддршка за мај добиле  19.938 работодавачи во вкупен износ од 1 милијарда 666 милиони 373 илјади 597 денари, за вкупно 119.182 вработени.

Во јуни 2020 финансиска поддршка е дадена на 17905 компании во износ од 1 милијарда 404 милиони 470 илјади и 647 денари, за вкупно 101 илјади 148 вработени.

Анализите што ги направи оваа институција покажаа дека дел од фирмите ја добиле поддршката од државата, но таа не завршила кај вработените за плати.

Над 700 фирми од земјава, најголемиот дел од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Куманово, побарале поддршка од државата преку мерката за исплата на плата на вработените поради корона кризата, но парите на вработените не ги дале.

Во април, според објавените податоци, 281 работодавач добиле поддршка во износ од 9 милиони 995 илјади 565 денари, а не ја исполнил обврската за исплата на плата за 722 вработен.

Во мај тоа го сториле 427 компании, кои  воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13,698,998 денари. Сто и дваесет компании, според податоците, од нив не ја исполниле обврската добиената помош за вработените да ја исплати и за двата месеца.

Најчесто фирмите што не ја исплаќале добиената помош се средни, мали и микро претпријатија, а меѓу дејностите се од трговија, подготовка на оброци и служење храна, градежниот сектор, производство на облека, емитување програма, објекти за сместување, транспот, образование и слично.

За април од дејноста трговија на мало  62 фирми, кои примиле финансиска помош од 1.715.262 денара на 126 вработени не исплатиле плата, од дејноста подготовка на оброци и служење храна 43 фирми примиле помош од 1.249.452 денара и на 95 вработени не исплатиле плата за април, од дејноста транспорт 24 фирми, примиле помош од 630.750 денари и на 44 вработени не исплатиле плата за април,  од дејност градежништво 17 фирми примиле помош од 660,738 денари и на 48 вработени не исплатиле плата за април.Тука влегуваат и дејности за производство на облека, трговци на мало и големо, емитување на програма, објекти за сместување и сл. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се: во Скопје 84, во Тетово 38, Струга 20, Гостивар 23 и Куманово 16.

Во мај од вкупниот број  фирми што не ја исплатиле помошта добиена за плати за вработените 84 се од дејноста трговија на мало кои добиле финансиска помош од 2.160.248 денари и на 160 вработени не исплатиле плата, 66 фирми од дејноста подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 2.052.240денари и на 150 вработени не исплатиле плата за мај, 35 фирми од дејноста транспорт примиле помош од 920.750 денари и на 65 вработени не исплатиле плата, шест фирми се од дејноста нискоградба фирми кои примиле помош од 1.087.500 денари и на 77 вработени не исплатиле плата за мај.

Останатите фирми кои не исплатиле плата за мај 2020, а за истите добиле финансиска поддршка се од дејностите градежништво, производство, трговија на големо и мало, емитување на програма и слично.По региони најмногу фирми што не исплатиле плата за мај се од Скопје: 110 фирми,  Тетово 61,  Струга 28,  Гостивар 34, Куманово 21, Струмица 10 и Битола 15.

До компаниите се пратени опомени поради неисполнување на обврските од уредбата, роковите се поминати за исплата, но од Управата за јавни приходи, апелираат да ги исплатат и да ја исполнат обврската, пред да бидат спроведени предвидените законски дејствија.