Македонија
30. March 2020 - 17:04

Мерките за заштита на населението го одложија судењето за „Титаник“

Мерките за спречување на коронавирусот и денеска се испречија пред „Титаник”. Судењето за изборни нерегуларности повторно се одложи, откако пет бранители не дојдоа во судницата. Тие го известиле судот дека ги користат мерките од Владата кои предвидуваат забрана за движење на лица постари од 67 години, а меѓу адвокатите има и родители кои останале дома со своите деца на возраст до 10 години.

Наместо докажување на вина и одбрана од обвинувањата, стравот од вирусот беше доминатно присутен во малата судница каде што имаше околу 40 присутни. Адвокатите на обвинетите се пожалија дека нема доволно услови за спроведување на ова судење, со оглед дека во „Титаник” се обвинети повеќе лица, а се повикуваат и голем број на сведоци.

Одговор од Републичкиот судски совет на нивното барање за одложување на судењата додека траат вонредните мерки на Владата се уште нема. Бранителите сметаат дека судењата во услови на пандемија претставуваат директен ризик врз правото на живот на бранителите, осомничените и вработените во Судот.

Во одговор, судијата кој го води „Титаник” Осман Шабани рече дека одложувањето на судењата ќе биде тема на денешниот колегиум на Кривичен.

Судот засега се држи до одлуката на Судскиот совет и на Министерството за правда, со која е изготвена листа на 300 итни и неодложни предмети кои треба да се одржуваат во април. Од Кривичен велат дека при организирањето на судењата се почитуваат сите препораки од Светсктата здравствена организација.

Во меѓувреме, јавните седници и расправи закажани до 30-ти април ги одложи Апелациониот суд Скопје. Од Апелација велат дека странките и јавноста ќе бидат дополнително известени за денот на нивното одржување.

Наредното рочиште за „Титаник”, пак, се закажа за 2-ри април.